Рецензија

Објавувањето на книгата „Енциклопедија на македонските имиња“ е битно од повеќе аспекти, покрај недостигот од ваква литература. Прво, таа е сублимат карактеризиран од една разноликост што ги вклучува речиси сите имиња, машки и женски, повеќе и помалку фреквентни, постари и понови, типично словенски и имиња влезени во нашиот јазик карактеристични за други поднебја и како резултат на јазичните квалификации на авторот, но и темелниот истражувачки пристап, се дадени и објаснувањата на нивните значења. Тука доаѓаме до уште една занимливост која ја нуди оваа книга, а тоа е поврзувањето на словенските имиња со нивните пандани во другите јазици – откривањето и обзнанувањето на таа врска е од непроценливо значење од јазичен, историски, книжевен односно културолошки аспект. Во време кога модерните теории сѐ повеќе го изучуваат идентитетот како категорија неделлива од постоењето/дијалогот со Другиот, оваа книга е еклатантен пример за таквото дефинирање и има потенцијал многу да придонесе во иднина во таа насока и кога се зборува за личниот идентитет на поединецот, но и идентитетот како колективна одредница. Понатаму, со имињата застапени во оваа книга, истовремено се застапени и светителите кои ги носат тие имиња што отвора уште една, духовна димензија на оваа книга, што самата по себе, е неизбежна како методолошка постапка имајќи го предвид предметот со кој книгата се занимава, а и традицијата во Македонија што се поврзува со давањето на името, славењето на именденот и значењето што, воопшто, оваа пракса отсекогаш го имала.

Фросина Пармаковска